Амбасада на Република Северна Македонија во Унгарија

Најнови вести

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Со меѓународен панел „Патот до Преспа форум за дијалог“ најавена големата меѓународна конференција во Охрид

Во клубот на пратениците во Скопје, денеска се одржа меѓународниот панел „Патот до Преспа Форум за Дијалог“, како воведен настан за претстојниот меѓу „Преспа Форум Дијалог“ кој ќе се одржи на 1-2 јули, о.г. во Охрид и Отешево. Домаќин на панелот беше Министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој во оваа прилика ја образложи целта и го презентираше концептот и основната идеја за Преспанскиот форум за дијалог. „Во основата на Преспа Форумот за Дијалог се наоѓа есенцијата на трите Договори по кои Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион. Тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија, како и Договорот за стратешко партнерство со Грција, познат како Преспанскиот договор. Во нив се препознаваат силни политички принципи и вредности кои имаат универзално значење: пред сѐ храбрите политички чекори во изградба на долгорочни и стабилни компромиси; суштинска примена на инклузивноста во надминување на разликите помеѓу различните групи; меѓусебното почитување, политичкото и дипломатско трпение, и пред сѐ позитивниот пристап во изградбата на пријателствата меѓу соседите во најшироката смисла на зборот.“ истакна Османи. Учесниците изразија поддршка и ја потенцираа важноста на иницијативата за формирање на Форумот. Со своите плодни дискусии тие дадоа нови идеи и предлози кои ќе бидат преставени во заеднички Регионален политички документ, со препораки за политиките во однос на политичкото, економско и социјално влијание на регионалните и билатерални спогодби во Западниот Балкан на претстојната Конференција на Преспанскиот форум за дијалог. На настанот, покрај домаќинот – министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваа и Флоријан Бибер, професор по историја и политика на ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Јанис Армаколас од ЕЛИАМЕП, Весела Чернева, Заменик директор на ЕЦФР и раководител на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Софија, Едвард Џозеф, професор на Универзитетот Џон Хопкинс од САД, Гералд Кнаус, Европска иницијатива за стабилност од Берлин, Дамир Марушиќ, Атлантски Совет, Иван Крастев, Центар за либерални стратегии од Софија, Велешка Еш, Апен Институт, Германија, Ерван Фуере, Центар за европски политики. Исто, така, беа присутни бројни претставници на државните институции, странските амбасади во земјата и претставниците на невладиниот сектор во државата. Преспа форум дијалогот преставува државен проект во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Станува збор за Конференција од меѓународен карактер, со импресивна листа на поканети гости, од кои голем број веќе го потврдија своето присуство, при што се очекуваат да дојдат премиери, министри од регионот и земји-членки на ЕУ, високи претставници на ЕУ и САД, но и претставници од останатите меѓународни организации.

Османи-Сијарто: Солидарност и силна поддршка на Унагрија за Северна Македонија

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денес во Скопје му беше домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто за време на неговата работна посета на Република Северна Македонија. Целта на посетата, покрај можноста, двајцата хомолози да разменат мислења за развојот на односите меѓу двете земји, пред се беше во знакот наунгарската донација, која Сијарто лично му ја предаде на Османи. „Денешната унгарска донација од шест илјади дози од вакцината АстраЗенека е наменета пред сѐ за припадниците на Граничната полиција во состав на министерството за внатрешни работи на Северна Македонија. Донацијата е израз на благодарност на Република Унгарија за успешната соработка и улогата која нашата гранична полиција ја има во одржувањето на заедничката европска безбедносна политика. Овој пред сѐ хуман гест претставува и признавање за придонесот на нашата држава во справување со миграциските и безбедносните предизвици, кои сѐ уште се актуелни  и преставуваат отворено прашање за земјите членки и за цела Европа. Токму двете земји, преку својата соработка, даваат заеднички придонес кон стабилноста на целиот европски континент“, истакна Османи. Во однос на евро-интегративниот пат на Северна Македонија, Османи и Сијарто  разменија мислења за внатрешните политички процеси поврзани со реформската агенда, но и за состаноците во Брисел каде на различни нивоа во Европската унија беше разгледувано европското досие на нашата земја. Министрите се согласија дека Северна Македонија е кредибилен партнер на Европската унијата и притоа многу често извршува улога и учествува како составен дел на системот и механизмите на Унијата.Во тој контекст, операционализација на веќе донесената одлука за почеток на преговорите, би требало да биде следниот логичен и симболичен чекор за валоризација на постигнувањата на државата.   Министерот Сијарто, уште еднаш, го нагласи противењето на Унгарија за обременување на процесот на проширување на ЕУ со внесување на билатерални прашања како и дека ќе продолжат со својата конзистентна и гласна поддршка за наредниот чекор на Северна Македонија кон ЕУ. Двајцата соговорници изразија задоволство од интензивирањето на билатералната соработка, беше постигната согласност за меѓусебно признавање на националните КОВИД-19 сертификати со цел овозможување на непречено транзитирање и влез на вакцинираните граѓани на двете земји, како важна мерка за нормализација на состојбите во една нова пост-пандемиска фаза. За време на посетата на Сијарто се потпиша и Договор за соработка во областа на културата заедно со министерката за култура, Ирена Стефоска.

Туристички дестинации

Кањон Матка, Скопје

Крушево

Широк Сокак, Битола