Резолуција на Европскиот Парламент за Северна Македонија

19 мај 2022

Министерството за надворешни работи го поздравува усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за Република Северна Македонија на денешната пленарна седница во Стразбур.

Како и досега, Европскиот парламент упати јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија со Северна Македонија веднаш. Охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број на членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ.

Особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан  и нивната иднина како дел од Европското семејство. Почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е силна инвестиција за стабилност, не само за земјите од регионот, туку и за ЕУ, особеново во актуелниот безбедносен контекст во Европа.  Во таа смисла, го поздравуваме повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес, што е во духот и принципите  на пристапниот процес. Парламентот исто така го препознава рефорскиот напредок на земјата и нејзината подготвеност веднаш да ги започне преговорите со ЕУ.